(ВИДЕО) „Вимблдон“; Димитров скина мускул, па му го предаде мечот на Синер

Бугарскиот тенисер Григор Димитров, одигра брилјантни два сета против светскиот тениски рекет број еден Италијанецот Јаник Синер, а потоа следеше шок. Доживеа сериозна повреда и при водство од 2:0 во сетови, беше принуден да му го предаде мечот на Синер, кој на тој начин незаслужено се пласираше во четвртфиналето на најпрестижниот грен слем турнир – Вимблдон.
Сервираше ас за 2:2 во третиот сет и се фати за градите. Веднаш беше јасно дека нешто не е во ред. Лекарите го однесоа во соблекувалната за да утврдат во што е проблемот, а по кратка пауза, Димитров се врати на теренот со солзи во очите и веднаш му го предаде мечот на Италијанецот.
Буквално не можеше да ја крене раката. Се покажа дека го скинал пекторалниот мускул на десната страна од градите. Синер му помогна да ја спакува опремата и да го напушти теренот, а публиката го испрати со громогласни овации.