(ВИДЕО) Вратен од Леденото доба – Американска компанија оживеа волк кој изумрел пред 12.500 години

Вид на волк што исчезнал пред 12.500 години е оживеан во лабораторија, објави биотехнолошката компанија „Колосал бајосаенсис“ од Далас. Тие моментално се чуваат на тајна локација во САД.
Трите младенчиња, кои се на возраст од три до шест месеци, имаат долго бело влакно, мускулести вилици и веќе тежат околу 35 килограми, велат од компанијата. Овие таканаречени „Страшни волци“ се многу поголеми од сивите волци, кои се нивните најблиски роднини денес.
За да ги оживеат волците, научниците користеле древна ДНК, клонирање и технологија на уредување гени за да ги изменат гените на сив волк. Резултатот е хибриден вид кој има сличен изглед со изумрениот предок.
„Нашиот тим зеде ДНК од 13.000 години стар заб и од 72.000 години стар череп и создаде здрави младенчиња“, изјави коосновачот на „Колосал“, Бен Лам.
Сепак, од компанијата велат дека овие волци нема да се вратат во северноамериканската дивина во скоро време. „Колосал“ досега работел на оживувањето на мамутот, птицата Додо и Тасманискиот тигар.
Страшниот волк, кој беше инспирација за белите волци во серијата „Игра на тронови“, своевремено бил главниот предатор во Северна Америка.