ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Виктор Димовски не оди амбасадор во Париз

Сè поверојатно е дека Виктор Димовски нема да замине во Париз како амбасадор. Неговата кандидатура за оваа позиција беше ставена под прашалник откако Агенцијата за национална безбедност даде согласност за државјанство на контроверзниот проруски бизнисмен Олександар Онишченко, додека директор на институцијата беше токму Димовски. Првиот човек на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонијо Милошоски очекува наредниот кандидат за Франција да биде дипломат од кариера.

Advertisements

„Тоа што го имаме како информација неофицијална, од Министерството за надворешни работи е дека претседателот Пендаровски и министерот за надворешни работи веќе се усогласиле Виктор Димовски да не биде амбасадор на Македонија во Париз. Но, дали имаат донесено одлука кој треба да биде следен амбасадор, за тоа немаме информација“, рече Милошоски.

Во собраниската Комисија денеска беа сослушани доскорешниот министер за локална самоуправа Горан Милевски, кој заминува амбасадор во Љубљана, како и поранешниот министер без ресор Едмонд Адеми, кој ќе ја извршува амбасадорската функција во Шпанија, наредната земја претседавач со Европската унија.

„Она што недостасува е одржување на една заедничка седница меѓу двете влади, како што го прави тоа Владата на Северна Македонија со соседните држави. Мислам дека со Словенија ќе биде исклучително важно да ја направиме таа седница од придонесот којшто Словенија го има во нашата поддршка и лобирање на меѓународен план“, рече Горан Милевски – кандидат за амбасадор во Словенија.

„Доколку вие како амбасадор продолжите во следната година или две да имате само еден дипломат и една секретарка, тогаш не верувам дека дел од овие ваши големи амбициозни планови би биле реализирани“, рече Милошоски.

„За нашата земја клучно ќе биде претседавањето на Шпанија со Советот на ЕУ во втората половина на годинава кога се очекува да заврши скринингот и да се отворат првите кластери во преговорите за членство во ЕУ. Во рамки на шпанското претседателство со ЕУ планирани се дури 22 министерски средби и самити“, рече Едмонд Адеми – кандидат за амбасадор во Шпанија.

Инаку, од МНР за Алсат информираат дека остануваат непополнети амбасадорските позиции во Париз, Варшава, Лондон, Букурешт, Будимпешта, Сараево, Берлин, Пекинг, Бразилија, Белград, Каиро, Тел Авив, а од утре официјално ќе немаме ни амбасадор во Киев, Украина.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button