Вилма Русковска и неделава останува без пет нови обвинители

Советот на јавните обвинители и неделава нема да ги пополни петте празни обвинителски места во Обвинителството за гонење организиран криминал. Првиот човек на обвинителскиот совет очекуваше изборот да се случи денеска.
„Планираме в среда веќе, ако има услови, да одржиме седница за избор на обвинители во тоа обвинителство“, рече Антонио Јолевски, Совет на Јавни обвинители.
Но, Јолевски сега ќе чека сите членови на Советот да бидат на работа и во речиси полн капацитет да се донесе одлука. Тој во телефонски разговор за Алсат вели дека чека за да не дојде до полошо сценарио, како на пример да нема доволно членови на Советот, седницата да пропадне, а со тоа и целиот оглас за пополнување на петте места во Обвинителството со кое раководи Вилма Русковска. Засега не се знае кој ден би бил изборот.
Во меѓувреме, Алсат дознава дека 9 од 10 кандидати добиле позитивно мислење дека можат да работат во организиран криминал. На огласот се пријавени актуелните обвинители на кои им истече мандатот во јануари, а сите тие добиле позитивно мислење. Овие обвинители и ден – денеска ги извршуваат своите работни активности во Организиран криминал, но на неформален начин. Тоа значи дека истражните предмети и предметите кои ги застапуваа во судот, официјално ги преземаа други обвинители кои имаат мандат.
Од петтемина кандидати кои моментално не работат во Организиран криминал, само еден обвинител добил негативно мислење и воопшто не може да биде избран да работи во обвинителството на Русковска. Инаку, мандатите им траат четири години.
Обвинители на кои им е истечен мандатот во ОЈО ГОКК:
Ивана Трајчева
Енѓелуше Кадриу Леши
Марија Ѓоргева
Валентина Бислимовска
Сузана Мирческа Кузмановска
Нови кандидати за обвинители во ОЈО ГОКК:
Арфим Адеми, ОЈО Гостивар
Елизабета Јосифовска, ОЈО Гостивар (СЈО)
Имран Османи, ОЈО Скопје
Наташа Сарамандова, ОЈО Скопје
Златко Биковски, ОЈО Берово
Игор Стефановски