
Владата бара од банките да ѝ достават извештај на крајот на годинава колку од парите наменети за граѓаните од четвртиот сет мерки за купување македонски производи, тоа го сториле. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека банките имаат софтвер кој лесно може да ги препознае домашните производи кога граѓаните пазаруваат со платежните картички и потоа да ги селектира и податоците да ги испрати до институциите. Бесими не одговори дали банките одбиле трошокот за изработка на нови картички да падне на нивен товар и затоа сега парите се префрлаат на трансакциска сметка на граѓаните кои ги исполнуваат условите за добивање финансиска помош од државата.
„Плаќањето ќе се реализира со дебитна картичка како секое друго плаќање. Меѓутоа, во извештајот на банката е по автоматизам, како во претходните мерки. За производите за кои важи мерката веќе се евидентирани и во системите во пос-терминалите и во банките. Банките кога ќе ги имаат податоците од фискалната каса за производите кои се евидентирани во прометот, за тие производи ќе се издвојат во посебен извод.“
Министерот Бесими не појасни што со граѓаните кои немаат платежна картичка и кои ги вадат парите од шалтер во банките и плаќаат кеш. Овие шест илјади денари кои ги дели државата не смее да се вадат од сметка. Останува дилемата и дали по истекот на рокот за трошење, а тоа е 31 декември, ако не се потрошат сите шест илјади денари на македонски производи, дали во тој случај граѓаните ќе имаат обврска да ги вратат останатите пари на државата.
„Дали ќе може да ги користат за македонски или за странски производи, сепак ние треба да работиме на фактот да го унапредуваме македонското домашно производство, а секако дека одредени сегменти во делот на сите овие приходи коишто ќе ги добијат пензионерите ќе треба да се слушне и коментар од страна на банките.“
Алсат побара став од банкарската асоцијација, но одговор ни соопштија дека ќе добиеме во понеделник. Образложението од страна на властите е дека во овој сет на мерки нема платежни картички бидејќи решиле ја елиминираат опасноста од пренесување на заразата и правење гужви пред банките. По шест илјади денари овој пат ќе добијат околу 300.000 лица, тоа се пензионери со месечна пензија до 15 илјади денари, невработени кои не бараат работа или пасивни невработени. Потоа самохраните родители, естрадни уметници и филмски работници, ученици од основно и средно училиште, деца без родители.
Ile Petrevski