Владата набавила храна и пијалоци за 144.000 евра
Владата набавила храна и пијалоци за 144.000 евра

Владата годинава ќе троши над 144 илјади евра, пари на граѓаните за првокласна луксузна храна. Службата за општи и заеднички работи има склучено повеќе договори со различни компании за: суво месо, производи од свежо пилешко месо, овошје и зеленчук како и некои видови кафе.
Најмногу пари, Владата и нејзините институции ќе трошат за еспресо и други видови кафе во вредност од 2.950.000 денари или над 48.000 евра, потоа за овошје 2.100.000 денари или повеќе од 34.200 евра. 1.785.000 денари или 29.000 евра Владата планира да троши на свежо пилешко месо, 24.000 евра или 1.470.000 денари за сувомеснати производи. Владината служба склучила два договори со вкупна вредност од околу 9.400 евра или 577.500 денари за снабдување со Овошје и зеленчук за двете државни вили во Охрид.
Вкупниот износ на сите овие предвидени трошоци на Владата изнесува 144.761 евра.
Она што се забележува во договорите потпишани од Службата за општи и заеднички работи на Владата е дека компаниите се обврзани да ги снабдуваат со производи од прва класа.
Испративме конкретни прашања до Владата:
„Зошто се толку неопходни овие производи, во период на криза кога најголем број граѓани во државата живеат со помалку од 150 денари дневно?“.
А кусиот одговор на Владата и без конкретни детали беше:
„Во однос на вашето прашање, нагласуваме дека набавката е направена за сите набавки кои се во надлежност на Службата за општи и заеднички работи на Владата, а со нив се врши услуга и на претседателот на државата, претседателот на Собранието и други државни институции. Ве известуваме дека секоја година се потпишуваат рамковни договори, според договорот стоката се повлекува во зависност од потребата“, одговорија од Влада.
Луксузната храна на Владата следи околу осум месеци откако Алсат го објави скандалот дека во услови на криза Владата планирала да потроши повеќе од 20.000 евра за октоподи и свежа риба.
– Кафе еспресо и други видови кафе – 2.950.000 денари / над 48.000 евра,
– Овошје и зеленчук – 2.100.000 денари / над 34.200 евра,
– Свежо пилешко месо – 1.785.000 денари / над 29.000 евра,
– Сувомеснати производи – 1.470.000 денари / околу 24.000 евра,
– Овошје и зеленчук за вилите во Охрид – 577.500 денари / над 9420 евра.
ВКУПНО 144.761 евра./Алсат.мк
Мефаил Исмаили