Влада: Нема официјално барање од СДСМ за лидерска средба

По најавата на лидерот од опозициската СДСМ Венко Филипче дека следната недела во Собранието ќе иницира лидерска средба по пожарот во Кочани, денеска од Владата велат дека кај нив нема стасано официјално барање, ниту пак иницицијатива од СДСМ, но дека Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне.
– Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту пак има иницијатива од СДСМ. Забележани се само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне, велат од Владата за МИА.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче кој синоќа гостуваше на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани организирана од ТВ Канал 5, најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план – што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.