
Од 1 јули ДДВ-то на струјата се враќа на 18 отсто, најавуваат од Владата, со што може да се очекува нагорна корекција на сметките за струја. Вицепремиерот за економија Битиќи, во интервју за една од националните телевизии рече дека намалувањето на ДДВ-то лани од 18 на 10 проценти имало за цел да се ублажат состојбите со енергетската криза, и тоа било една од мерките на Владата.
„Тогаш најавивме дека ДДВ-то постепено ќе се враќа на 18 отсто затоа што не сакаме да нанесеме штета на приходната страна во буџетот. Сега се прават последните анализи дали ќе остане на 10 отсто или ќе се врати на 18 отсто, без притоа товарот да падне целосно кај граѓаните“, наведува Битиќи.
Од Министерството за финансии кои се надлежни за даночната политика во Македонија не сакаа да дадат конкретна информација затоа што ресорниот министер е на службен пат. Евентуалното зголемување на ДДВ-то на струјата од 10 на 18 отсто не го коментираат ниту од Регулаторната комисија за енергетика бидејќи велат дека тоа не е во нивна надлежност.
Инаку, во пикот на енергетската криза, во 2021 година Владата реши од 18 отсто да ја намали стапката на ДДВ за електричната енергија на пет отсто. Оваа одлука важеше до крајот на ланската година. Од почетокот на 2023 година до 30 јуни според планот стапката на ДДВ на струјата е 10 отсто, а коллку ќе изнесува од јули ќе се знае на крајот на јуни кога регулаторот ќе ја објави одлуката. Но, за да дојде до промена на ДДВ-то на електричната енергија за домаќинствата ќе треба да се промени и законот.
Во меѓувреме енергетските компании започнаа со пресметки за своите трошоци кои ќе ги достават до регулаторот а кои имаат големо влијание врз крајната цена која ја плаќаат граѓаните за електрична енергија. А, се погласни се најавите дека од јули ќе се врати и дневната евтина тарифа за домаќинствата.
Иле Петревски