ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата ги достави законските измени со европско знаменце

И покрај укажувањата да не се злоупотребува европското знаменце, Владата до Собранието ги испрати законските измени поврзани со изградбата на коридорите по скратена постапка. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ признава дека текстот на измените воопшто не се однесува за прилагодување со европското законодавство. Тој додава дека одлуката на Владата е исклучиво политичка и прстот го впери кон Левица.

Advertisements

„Она што мислам дека треба отворено да си го кажеме е дека оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица – проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија, којашто ќе направи сè за да ги спречи коридорите коишто се впишани во трансевропските мрежи и за еден ваков проект реазлизиран од американска компанија“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот ја правда одлуката со претстојното впишување на Коридорот 8 во трансевропската мрежа на 16 мај. Претходно, дополнително појаснување за користењето на европското знаменце побараа од Делегацијата на ЕУ, а Маричиќ вели дека има писмена комуникација. Од Делегацијата во петокот изразија загриженост за употребата на европското знаменце и посочија да не се користи за заобиколување на јавната дебата. Денеска, откако законите влегоа во Собранието, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја повика ЕУ повторно да реагира.

„Ја повикувам Канцеларијата на Европската Комисија во Македонија, ги повикувам амбасадите на земјите од Европската Унија, да се произнесат во текот на денешниот ден за ова што денеска го направи Владата на ДУИ и СДСМ“, рече Мицкоски.

Првиот човек на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми каде законите треба да добијат одобрување, вели дека од Делегацијата на ЕУ единствено побарале дополнителни објаснувања од Владата за користењето на европското знаменце. Тој очекува потребата за законските измени да биде усвоена во среда на пленарна седница, а потоа текстот да се разгледа во Комисијата што тој ја предводи.

„Верувам дека сите политички партии и пратеници нема да се водат од интенција да направат инциденти и проблеми во Собранието. Тоа нема да го дозволам и ќе направам сè седницата да биде во рамки на тоа што се пропишува во Деловникот“, рече Адеми.

Според властите измените ќе овозможат поевтина изградба на коридорите и тоа за пократок период. Тие се однесуваат на законите за работни односи, за урбанистичко планирање, градење, експроријација и за утврдување на јавен интерес.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button