ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата ги одобри барањата на општините за инфраструктурни проекти

Владата ја одобри одлуката за апликациите на општините на повикот за финансирање инфраструктурни проекти со парите од унгарскиот заем. Општините аплицирале со 358 проекти во вредност од над 200 милиони евра, но Владата прифатила 274 од нив во вредност од 65 милиони евра. Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека Струмица, Теарце, Сарај, но и Градот Скопје биле одбиени на повикот за финансирање на капитални проекти, додавајќи дека на овие општини ќе им се даде можност во разумен рок да ги исправат грешките.

Advertisements

Според Владата, Струмица била одбиена бидејќи аплицирала со веќе започнат проект за којшто е избран и изведувач. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, во изјава за Алсат истакна дека причините за одбивање се политички.

“За оваа Влада Струмица не постои. Срамно и жално, затоа што и граѓаните на Струмица и населените места плаќаат данок  од кој ќе се враќа унгарскиот кредит. Ќе враќаат кредит од кој не добија ниту денар иако помпезно се најавуваше дека сите Општини ќе добијат пари за инфраструктурни проекти.  Со оваа владина одлука не се прави штета само на Градоначалникот, туку на целата Општина во којашто живеат луѓе со различна политичка определба. Проектот за кој Општината побара пари има подеднакво значење и за граѓаните од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и од другите политички партии”, вели Костадинов.

Алсат го контактираше и првиот човек на Теарце, Нухи Незири, кој во телефонски разговор рече дека се чека официјалното оправдување па потоа ќе се изјаснат. Во врска со изјавата на премиерот и министерот за локална самоуправа дека Теарце е одбиена по поднесувањето на барањата по приватен мејл, Незири категорично демантира. Тој нагласува дека документите, освен што се доставени по службен мејл, биле доставени и по пошта.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button