Владата ги премолче критиките на амбасадорката Брнз

Владата ја поздрави изјавата на американската амбасадорка во Скопје Кејт Мери Брнз, како извршната власт да е трета страна, а не клучниот фактор, еден ден откако амбасадорката посочи дека корупцијата, непотизмот и нетранспарентноста се главни предизвици кои ја попречуваат земјата на патот да се развие како демократија. Првиот вицепремиер Артан Груби вели дека напорите за борба против овие појави ќе продолжат.
„Исправна изјава. Ја поздравувам и се придружуваме со сите напори за борба против организираниот криминал, корупцијата и сите појави во владеењето и ги повикувам медиумите, граѓаните, граѓанското општество да се приклучат на целата оваа кампања“, рече Груби.
Но, ВМРО-ДПМНЕ оцени дека изјавата на Брнз само ги потврдува ставовите на опозицијата.
Амбасадорката Брнз беше директна во критиките при потпишувањето на договорот за грант со Министерството за финансии.
„Знаеме дека еден од најголемите предизвици е корупцијата, која го поткопува доброто владеење и ја саботира економската конкуренција. Знаеме дека ова ќе биде предизвик бидејќи има недостиг на одговорност и транспарентност. Сето ова има потенцијал да ја попречи Северна Македонија на патот на нејзиниот напредок. Владините претставници мора да одговорат на овие предизвици, да ги исполнат очекувањата на јавноста и стандардите за членство во ЕУ“, рече Брнз.
Брнз пред неколку месеци имаше уште една критика кога рече дека довербата на граѓаните во судскиот систем е само 8%.
Фатлуме Дервиши