Владата ги разреши државните правобранители во Скопје и Струга
Владата ги разреши државните правобранители во Скопје и Струга

Владата разреши двајца државни правобранители, едниот од подрачната единица Скопје, Јане Јанкуловски, а другиот од подрачната единица Струга, Мирко Вељановски. Не е дадено никакво образложение за постапката, ниту пак Јанкуловски и Вељановски добиле можност да се изјаснат за предлогот за разрешување, како што предвидува законот за државна правна заштита. Јанкуловски во изјава за Алсат рече дека за одлуката слушнал од медиумите.
Побаравме став од државниот правобранител Агрон Речи да ни каже кои се причините поради кои било предложено нивно разрешување, но не добивме одговор. Неофицијално се дознава дека станува збор за нестручно и несовесно работење, но останува нејасно како Владата го прифатила ваквиот предлог. Оваа одлука е уште поскандалозна со тоа што неодамна Речи беше одбиен од страна на Националната агенција за безбедност да поседува безбедносен сертификат за доверливи информации. Тоа го прави Речи нелегитимен да ја врши функцијата државен правобранител каде дојде во април 2023 година.
Информацијата за разрешувањето на двајцата државни правобранители ја потврди и министерот за правда, Кренар Лога. Тој ги наведе само правните причини за нивното разрешување, нагласувајќи дека одлуката на Владата се заснова на предлог на државниот правобранител./Алсат.мк
Адријан Керими