Владата го повлече од собраниска процедура Предлог на законот за средно образование

Владата го повлече од собраниска процедура Предлог на закон за средното образование, второ читање. Ова го соопшти претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт Иванка Василевска на денешната седница, на која присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Пратениците на Европскиот фронт изразија задоволство од одлуката на Владата и побараа еден час пауза за координација.
-Владата со допис од 20 декември го повлекува Предлог-законот за средно образование, во второ читање, информираше Василевска пред усвојувањето на дневниот ред на комисиското заседание.
Илире Даути и Арбана Пашоли од коалицијата на Европскиот фронт изразија задоволство од повлекувањето на Законот, посочувајќи дека не се согласувале со неколку ставови во овој закон, особено со член 54 со кој се предвидуваше интонирање на државната химна, за што одлучува основачот, на прослава на денот на средното училиште (патронат), на почетокот и на крајот на наставната година и завршувањето на средното образование.