Владата го повлече законот за менување пол, ќе се дополнувал

Владата го повлече Предлог-законот за матична евиденција со кој се предлага можност за законска промена на полот. Во образложението упатено од Министерството за правда до извршниот орган се наведува дека предлогот треба да се дополни и прошири.
„Предлогот се повлекува поради дополнително усогласување со Законот за матична евиденција и поради потребата од воспоставување систем за матична книга на новороденчиња, бидејќи треба да се има во предвид фактот дека законските одредби се застарени и не одговараат на реалната состојба на нашиот правен систем. Во другата група спаѓаат и неевидентираните лица и ова законско решение треба да се усогласи со Законот за неевидентирани лица во матичните книги за 2020 година. Овој закон кој ја регулира евиденцијата во матичните книги на родените, венчаните и починатите лица треба да ги вклучат брзите современи измени“, наведоа од министерството за правда.
За овој закон денеска не се расправаше во Собранието. Матичното тело, Комисијата за политички систем, утврди дека предлогот е повлечен за натамошно дополнување.
„Сметам дека со 9 гласа ЗА е одлучено втората точка од дневниот ред, Предлог-законот за матична евиденција да се повлече. Сакам да кажам дека сме известени од Владата дека законот се повлекува за да се дополни.“
Иницијативата за заштита и унапредување на трансродовите лица во С. Македонија, бара враќање на законот во процедура нагласувајќи дека со повлекувањето Владата и Собранието оваа група граѓани го остава без правна заштита. Со предложените измени, нацртот кој го содржи знамето на ЕУ, а чие одобрение Владата го бараше од 2021 година, овозможува промена на полот само со изјава и нотарски акт. Образложението на Владата и Министерството за правда беше дека поради казните и глобите кои државата треба да ги плати како резултат на судските одлуки во Стразбур, потребни се законски измени кои треба да се усогласат со европското законодавство. Политичките партии соопштија дека не поддржуваат вакво законско решение кое според нив е во спротивност со општествените и семејните вредности.
Адријан Керими