
Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постои договор околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни има волја за доближување на ставовите.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера по средбата со Македонската банкарска асоцијација, на која требаше да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека уште ќе се преговара.
– Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите, рече Мицкоски.