
Штури одговори од Владата и од Министерството за здравство на барањата од сопствениците на ресторани за свадби. Нема конкретен одговор од надлежните кога рестораните ќе се отворат и на кој начин ќе работат, ниту дали оваа прашање било разговарано од членовите на Комисијата за заразни болести. Од друга страна, кафулињата и рестораните кои работат со ограничено време се преполни со гости. Во некои објекти бројот на гости е и повеќе од сто, почитувајќи ги протоколите со одалечени маси и дистанца. Сопствениците на ресторани за свадби побараа да работат под истите протоколи како и отворените угостителски објекти.
„Комисијата за заразни болести и Министреството за здравство ја следат епидемиолошката состојба во државата и за евентуални измени на актуелните мерки и протоколи јавноста навремено ќе биде информирана“, наведуваат од Министерството за здравство.
„Сакаме да Ви укажеме дека Протоколите се темелат на мислење од Комисијата за заразни болести, кое се носи од анализите коишто ги вршат, а врз основа на епидемиолошката слика“, велат од Владата.
Сопствениците на рестораните најавија масовен протест следната недела доколку Владата нема слух на нивните барања. Предлогот е свадбите, родендените, крштевките или друг вид на прослави да се организираат како еден вид на гала вечери без жива музика, со оддалечени маси и ограничен број на гости. Според нив загубите нема да можат да ги надоместат доколку набрзо не ги отворат објектите и наместо за закрепнување, набрзо ќе зборуваат за целосно затворање на нивните бизниси.
Андреа Чобанова