Владата не го решава проблемот со немањето педијатри во Охрид

И покрај ветувањата на власта дека ќе се реши проблемот со недостигот на педијатри во Охрид, тоа не се случи. Трет месец, детското одделение, функционира само како обична амбуланта за прегледи. За хоспитализација, во вечерните часови, викенди и празници, пациентите мора да одат за Струга. Струшките лекари велат дека не можат да го издржат повеќе притисокот. За 24 часа имале и по 130 пациенти, од кои нешто помалку од половината биле од Охрид.
„Јас веќе се чувствувам навистина уморен. Дежурствата се посебно тешки, викендите не се издржува. По 60-70 пациенти на смена. И тоа е хаос. По скалите долу се чека ред за преглед, а пациентите викаат, пцујат… Воопшто тогаш не работат и матичните лекари во Охрид и ние имаме една огромна навала на пациенти“, вели Влатко Мицкоски, педијатар од Струга.
Преку 60% од прегледите, вели Мицкоски се со симптоми на Ковид. Дополнителен проблем е тоа што во Струга се реновира еден дел од педијатрија.
„…Имаме еден посебен дел, каде и тука третираме деца со Ковид, во ситуација каде ние можеме да излеземе на крај со таквото дете“, вели Мицкоски.
-Имате ли сѐ уште слободни кревети за лежечки пациенти?
„Нема, нема. Со оглед дека сега и одделението се реновира, сега е на минимум. Ептен тешките деца ги примаме на одделение“, додава др. Мицкоски.
Лекарите стравуваат дека ако нема решение на проблемот, со уште поголем обем на работа ќе се соочат на почетокот на февруари кога се очекува пикот на омикрон сојот, како и на лето, кога доаѓаат печалбарите. Од шест педијатри во струшката болница, четворица се пред пензија, додека двајца лекари се наоѓаат на специјализација. Во Охрид останаа само двајца педијатри. Директорот на болницата, Горан Балески, вели дека се работи на решавање на проблемот.
Мики Трајковски