ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владата не нуди помош за граѓаните кои останаа без плати

Владата нема план Б за спас на граѓаните кои останаа во изминатите два месеци без плати поради заглавените мерки од петтиот сет во Собранието. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели нема да има брзи мерки, туку дека ќе се чека на гласање на законите во законодавниот дом. Се предлага рокот за аплицирање да се продолжи до 15 април, иако нема никаква сигурност дека овој закон дотогаш ќе биде изгласан и ќе биде објавен во Службен весник за да стапи на сила во наредните седум дена за да може компаниите да аплицираат.

„Со цел да се искомпензира овој изгубен период со амандманско решение се дава можност до 15 април да аплицираат за двата месеци и за февруари и за март и со тоа и тие износи кои што ги исплатиле за март како што предвидуваше мерката да може се реализира од страна на фирмите, а сѐ со цел да се намалат административните постапки во однос на реализација на мерката сега може да аплицираат со една апликација за двата месеци“, рече Фатмир Бесими-Министер за финансии.

Економскиот тим на Владата денеска излезе со оптимистичко сценарио за македонската економија годинава. Иако јавниот долг се очекува да достигне 63,4 отсто, од владата очекуваат економијата оваа година да бележи раст од 4,1 отсто од БДП.

„Очекувањата во однос на меѓународното економско опкружување за домашната економија се да се врати на патеката на економски раст во 2021 и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата. Со закрепнување на глобалната економија очекуваме и дополнително закрепнување на надворешната побарувачка што силно ќе влијае на нашиот извоз како извозно ориентирана економија“, рече премиерот Заев.

Буџетот според владините претставници е во добра кондиција, а потврда за тоа е поефикасното прибирање на пари во државната каса за разлика од 2020 кое бележи раст од 4,4 отсто. Според нив преземените мерки од сите четири сета економски мерки драстично го ублажиле падот на БДП, а реализацијата била 86 проценти од предвиденото.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button