Владата нема потврда за авионски лет од Кабул за Скопје со првата група авганистански бегалци

Неизвесната ситуација во Авганистан создава нејаснотии околу тоа дали и кога во земјава би пристигнале очекуваните околу 700 бегалци од таа земја. Во Владата немаат одговор на двете прашања, потсетувајќи на нестабилната ситуација околу аеродромот во Кабул.
Влада
„Нивното пристигнување зависи од безбедносните услови за организирање на летовите за евакуација. Во овој момент нема потврда за група и авионски лет што го има напуштено Кабул и кој треба да пристигне во Скопје.“
Првичните најави за пристигнување на првата група беа за претходниот четврток, но летовите оттогаш постојано се одложуваат. Според Владата, станува збор за семејства на вработени во хуманитарни, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организации за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти. А, министерката за одбрана, Шекеринска, осудувајќи ги вчерашните бомбашки напади во Кабул, денеска предупреди на можноста за нелегална миграција.
„Состојбите во Авганистан можат да значат и бран и притисок врз границите на Европа преку илегалната миграција и дека и Европската Унија и ние државите во овој регион ќе мора да ги засилиме своите капацитети за да ја гарантираме и сопствената стабилност и сигурноста на нашите граници.“
Инаку, повеќе од 100 наши граѓани веќе беа евакуирани од Авганистан.
Igor stefanovski