ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата со кампања ќе нè охрабрува да ја сакаме ЕУ

Преку јавна кампања која ќе чини над 350 илјади евра, Владата ќе ја запознава јавноста со европските вредности и придобивките од зачленувањето во Унијата. Со кампањата, како што соопштија од Владата, ќе се придонесе за градење на широка поддршка за остварувањето на стратешката цел – членство во ЕУ.

Advertisements

„Под слоганот „Европска иднина, поблиску од кога било“, Владата на Република Северна Македонија преку панел дискусии, информативни видео-спотови, видео-анимации, билборди и дигитална содржина наменета за социјалните медиуми ќе обезбеди информации за граѓаните кои се однесуваат на предностите пред сѐ од евроинтеграцискиот процес на земјата, но и крајно од членството во ЕУ“, велат од Владата.

Оваа кампања на Владата следува веднаш по трибините „Ние сме Европа“, во организација на Секретаријатот за европски прашања, за што беа одвоени 80 илјади евра, а засега нема анализа за ефектите. Според универзитетска професорка Јасна Бачовска Недиќ, новата кампања веројатно се должи на растот на евроскептицизмот, особено по бугарското вето на евроинтегративниот пат. Таа смета дека ваквите кампањи се нормална алатка, која најчесто се користи за сузбивање на некои општествено-патолошки појави, но треба да се внимава кога темата предизвикува одредени идеолошки поделби.

„Во тој домен тие треба да се користат многу внимателно, односно максимално да се внимава да една јавна кампања не ја поддржува идеолошката матрица на политичката партија којашто е на власт. Меѓутоа, кога станува збор за членството на Македонија во Европската Унија, ние знаеме дека ние бевме една од ретките општества каде што тој општествен консензус беше на многу високо ниво“, вели Јасна Бачовска Недиќ – универзитетска професорка.

Бачовска потсетува дека пред да се започне со било каква јавна кампања, неопходна е експертиза и таа да се темели на статистички мерења, за да се добие слика дали ќе се постигне ефектот или пак кампањата ќе биде контрапродуктивна.

„За високо исполитизираните општества, како што е македонското општество, присутен е феноменот на развивање на скептицизам кон платените политички кампањи. Има народот едно чувство дека „еве некој плаќа за да ме убеди во нешто“, бидејќи постојано сме подложни на некои такви промени, проблеми и многу фактори има исполитизираноста на општеството“, додава Бачовска Недиќ.

Професорката истакнува дека е многу важно ваквите кампањи да бидат транспарентни и цената да биде соодветна за економскиот стандард. Последното истражување на Институтот за демократија покажа пад во поддршката за членство кај граѓаните и таа сега изнесува 60%. Најновата кампања започна денеска со панел-дискусија, на која министерот Љупчо Николовски ќе ги објаснува придобивките од ЕУ за земјоделците.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button