Владата со план „Б“ ако падне на Уставен законот за изградба на коридорите 8 и 10

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави план „Б“ доколку законот за изградба на автопатишта што беше донесен во Собрание се оспори од Уставниот суд.
До оваа најава доаѓа откако Антикорупциската комисија посочи дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на законот со кој се предвидува амерканско-турскиот конзорциум „Бектел–Енка“ да ги гради автопатиштата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Битола-Прилеп по принципот клуч на рака.
„Како Влада секако дека имаме разработено варијанти во однос на отпочнување и изградба на коридорите 8 и 10 Д зашто нашиот приоритет, клучна или конечна цел е да имаме модерни и безбедни патишта. По кој принцип и на кој начин ќе се изградат е работа на Парламентот, Владата и сите останати институции, како и на Јавното претпријатие за државни патишта кое е задолжено за изградба и реконструкција на патиштата во државата и има најголеми капацитети и ресурси во овој дел“, изјави Бочварски.