Владата спрема документи за Рашковски, Обвинителството отвори предистрага

Додека Драги Рашковски со семејството одмора во Мексико, неговите колеги од Владата ја подготвуваат обемната документација за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Треба да ја предадат во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Предистрагата за овој случај беше отворена, откако порталот 360 степени откри дека Драги Рашковски, додека бил генерален секретар на Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци кој наводно и самиот го патентирал. Истиот е платен над 80 илјади евра. Рашковски го набавил за потребите на МВР, но од ова министерство негираа дека им требало такво софтверско решение. Опозицијата и денеска праша, како може Рашковски како државен службеник, да си дозволи одмор во далечното Мексико?
„Драги Рашковски кој исто така деновиве е на одмор на луксузна дестинација во Мексико, откако си заминал од функција, имотот му е зголемен за 50-тина илјади евра. Според она што може да се види на интернет страниците за букинг, одмор во Мексико со авионски карти чини околу 20.000 евра. Рашковски исто така е службеник и неговата плата е околу 60.000 денари“, рече Бране Петрушевски, ВМРО – ДПМНЕ.
Рашковски синоќа порача дека вистината за набавката на софтверот треба да ја откријат институциите. Инаку, порталот „360 степени“ откри дека софтверското решение Рашковски го платил без тоа претходно да биде тестирано. Инаку, самиот Рашковски лично развил софтвер за ваков начин на изрекување на сообраќајни казни пред да купи ваков софтвер од позиција на генерален секретар на Владата. Освен обвинителството, кое отвори случај по допрен глас и Антикорупциска оформи предмет за набавката на софтверот бидејќи бил купен, а полицијата воопшто и не го користи.
Бојан Стојановски