Владиката забрани погреби на неколку верски празници, покојниците ќе се чуваат во ладилник

Владиката г.г. Стефан забрани погреби за време на празнувањето на Св. Никола и правилото почнува да се применува од оваа година. Починатите од сабота, недела и од понеделник ќе се погребуваат во вторник. За измените, семејствата на починатите ги известува погребалната служба, која работи на Градските гробишта во Бутел, пренесува А1.он.
Од скопската православна епархија потврдиле дека нема погреби за време на празнувањето на Св. Никола, но верниците ќе треба да ги одложат погребите и за време на Божиќ и Велигден.
„По барање на целокупното свештенство од Скопската православна епархија, а за што се известени и директорите на АД ‘Бутел’ – Скопје, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан дал благослов на денот на празнувањето на Св. Никола да не се извршуваат погребенија, пракса што црквата ќе ја применува и за саботните задушници, како и за празниците Божиќ и Велигден“, навеле од Скопската православна епархија.
Од управата на Градските гробишта „Бутел“ неофицијално појасниле дека забраната се однесува на верските обреди поврзани со погребите, а не и на самиот чин на погребување. Доколку некој реши, погреб може да се организира, вклучително со изложување на починатиот во капела, но нема да има поп.
Извор: А1.он