
Политичките партии од власта не штедат пофалби за економските мерки за кои велат дека во услови на криза обезбедиле повисоки плати и пензии. Според СДСМ, по 15 години е потпишан нов општ колективен договор за јавниот сектор. Од септември платите во јавниот сектор се зголемуваат за 10%, додека сите 130.000 вработени ќе добијат и К-15 во износ од 10.000 денари.
„Мерките и економските политики на СДСМ обезбедија минималната плата да се зголеми на 20.175 денари од 8.800 денари во 2017 година. СДСМ обезбеди рекордно зголемување на пензиите кои со следното зголемување во септември ќе ја достигнат квотата од 25%„, рекоа од СДСМ.
Но, опозицијата има свое видување за ситуацијата. Кога растот на трошоците го достигна својот врв, ова зголемување на платите и пензиите е смешно. Од новото политичко движење на Изет Меџити велат дека е срам да се промовира зголемување на плати во време кога инфлацијата е енормно висока. Сметаат дека за мнозинството граѓани нема зголемување на стандардот, туку континуирано осиромашување.
„Во последните неколку дена гледаме тврдења од Владата дека просечната плата е зголемена за 16,1%, во период кога инфлацијата е 14,2%, исто така ова зголемување доаѓа главно како резултат на само неколку сектори како што е ИТ секторот, но тоа не значи дека е раст во целата економија. Вистинското прашање е колку е до денес зголемена просечната плата на мнозинството граѓани, на оние кои се вработени во јавната и државната администрација, колку е зголемена платата на вработените во јавните претпријатија?“
Колективниот договор за платите во јавниот сектор и К-15 беше постигнат минатата недела. На почетокот на идната година ќе има уште едно зголемување кое ќе зависи од инфлацијата. Доколку инфлацијата во декември изнесува 7 проценти, тогаш зголемувањето на платите ќе биде 4 проценти. Од март 2025 година ќе се користи новата методологија за пресметка на платите во јавниот сектор врз основа на просечната плата и коефициентот на сложеност на работата.
Аднан Ќаили