Власта и опозицијата во судир за Рамадани

Арбен Таравари од Коалицијата ВЛЕН истакна дека уште од првиот ден требало да биде ослободен поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани, но тоа го спречил обвинител од Кичево.
„Се слушнав со Блерим Рамадани. Знам дека Блерим Рамадани требаше да биде ослободен од првиот ден, но за жал обвинител од Кичево не дозволи тој ден да биде пуштен и ја искомплицира ситуацијата. Понатаму, не знам што се случило, но верувам дека надлежните институции ќе дадат информации“, рече Таравари.
Опозициската ДУИ ја обвинува владата дека по наредба на Вучиќ апсела војници на ОВК.
„Губитниците на изборите, вазалите во моноетничката власт, кои го немаат легитимитетот на гласачите Албанци, но се омилени на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја јавноста бидејќи само му е сменета мерката додека вчера полицијата повторно одлучила да го приведе и да го испрати во активен притвор“, велат од ДУИ.
СДСМ, пак, го обвинува министерот за внатрешни работи Тошковски за бегството на Рамадани. Според социјалдемократите, Тошковски е неспособен за функцијата зтоа што за обезбедување на куќен притвор е одговорно МВР. Тие прашуваат дали Рамадани сам побегнал или го ослободиле.
„Вчерашното бегство на Блерим Рамадани, баран со меѓународна потерница, е уште еден во низата настани кои потврдуваат дека МВР со Тошковски нема контрола врз државата. Прашуваме како е можно да се дозволи бегство на затвореникот баран со меѓународна потерница? Дали го пуштил да избега или е целосно неспособен да чува криминалец кој се бара меѓународно?, велат од СДСМ.
Министерот Тошковски обвинувањата на СДСМ ги смета за неосновани. Според него, МВР постапило според законот и професионално, но главното прашање треба да се обрати до судот.
„Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил на лицето да му одреди куќен притвор, наместо ефективен притвор. Познавам правници во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната Пи-ар служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат само за политички поени“, наведува Тошковски.
За овој случај реагираше и премиерот Христијан Мицкоски кој оцени дека ова е една причина повеќе за реформирање на судството.
Суад Бајрами