Власта имаше 64 пратеници и повторно ќе има толку

Новото парламентарно мнозинство ќе има ист број како и коалицијата СДСМ, ДУИ, Алтернатива. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека за реконструкција на Владата ќе гласаат најмалку 64 пратеници. Заминувањето на Демократскиот сојуз тој го оцени како очекуван потег и додаде дека од Павле Трајанов очекува конструктивност во прашањата поврзани со евроинтеграциите.
Денеска пак, оставка си поднесе заменик-министерот за локална самоуправа од редовите на Демократски сојуз, Зоран Димитровски.
„Генералниот секретар на Демократскиот сојуз денеска ја достави својата оставка на функцијата заменик-министер во Министерството за локална самоуправа. Причините за оставката се наведени во одлуките на Централниот совет на Демократскиот сојуз каде беше одлучено да не се поддржи реконструкцијата на Владата“, рекоа од Демократски Сојуз.
Во моментов нема индиции за нови заминувања од коалицијата на СДСМ. Маја Морачанин од ДОМ информираше дека остануваат во Владата. Со заминувањето на Трајанов и со поделбите во ДУИ, парламентарното мнозинство во моментов брои 66 пратеници. Од нив 43 се од СДСМ, 13 од ДУИ, 8 од Алијанса, 1 од ДПА и независниот пратеник Скендер Реџепи, чиј кадар остана заменик-министер за култура и покрај заминувањето на Алтернатива од власта. За новиот формат на Владата од ДУИ информираа дека нема да гласаат Изет Меџити и Мерита Коџаџику и покрај тоа што самата таа ги нема потврдено ваквите тврдења. Мнозинството ќе ја нема ниту поддршката од независниот пратеник Кастриот Реџепи.
Адриан Керими