Власта молчи за отворањето казино во близина на градинка во Тетово

По молкот на државните институции за решавање на проблемот со коцкањето, Движењето против коцкање најавува масовен протест за во вторник, против отворањето на казино кај градинката Риниа во Тетово. Од ова движење велат дека ќе ги користат сите демократски методи за да го спречат неговото отворање.
„Се чувствуваме изневерени и тотално разочарани од вас политичарите. Не нудите никаква помош иако сакате да ве нарекуваме носители на одлуки, затоа што сте избрани од народот. Но, вие носите предлози и одлучувате против овој народ. Поради тоа ја известуваме јавноста дека на 22 февруари во 14 часот ќе дадеме поддршка на граѓанскиот протест против отворањето на казиното кај градинката Риниа, кај кружниот тек кај фабриката Тетекст“, рече Јуши Емерлаху, Движење против коцкање.
Протестите ќе ги поддржи и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Ќе ги искористам сите институционални механизми што ги имаме во општината за да ја отежнеме и попречиме нивната активност, бидејќи тоа го сметам за лоша активност. И порано кажав дека минимумот што ќе го направам како градоначалник е да бидам меѓу нив, да не речам во првите редови на протестот, за секоја активност што се презема во насока на решавање на овој проблем“, рече Касами.
Во меѓувреме, Министерството за финансии продолжува да молчи и одбива да објасни зошто дало дозвола за отворање на казино во близина на предучилишна установа и тоа во момент кога има изготвено закон за забрана за отворање казина и обложувалници во близина на образовни и јавни институции.
Башким Сулејмани