Власта најавува бум во реализација на капиталните инвестиции, иако за седум месеци од годинава нивната реализација е 31 отсто од планираното

Слабата реализација на капиталните инвестиции од 30 отсто годинава засега е резултат на преоптимистичкото планирање и буџетирање на овие расходи, сметаат експертите. Од Институтот за финансиски анализи Фајнанс Тинк за Алсат велат дека ваквото потфрлање може да предизвика сериозни проблеми кои властите мора итно да ги идентификуваат и уште побрзо да ги решат. Во спротивно, последици може да има целата економија.
„Наместо на има надувување на капиталните расходи потребно е да се осврнеме кон зголемување кон ефикасноста на трошење на јавните средства, меѓутоа исто така и на ефективноста, од аспект на приоритизација на капиталните расходи и инвестирање токму во оние расходи кои што ќе може да дадат најголем економски развој.“
Ова ниво од 30 отсто реализација на капиталните инвестиции е бидејќи во првата половина од годината се прават подготвителните работи за проектите, а во вториот дел од годината завршните работи. Вака вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи ја објаснува слабата реализација. Според него, веќе за четири отсто е порасната реализацијата и најавува дека годинава ќе биде рекордна по изградените капитални проекти.
„Моето предвидување е дека до крајот на годинава, ќе биде, како што е рекорд на избуџетирани капитални инвестиции, така ќе биде рекордна година во која што ќе има спроведување на капиталните расходи.“
За опозициската ВМРО ДПМНЕ ниското ниво на капитални инвестиции е доказ дека власта ништо не работи. Тие обвинуваат дека нема нови патишта, нема нови училишта, ниту болници, но има набавка на нов мебел и скапи службени возила.
„Наспроти официјалните податоци за реализацијата на капиталните инвестиции, локалните и централните власти на месец дена пред локалните избори се обидуваат да го поправат впечатокот пред граѓаните дека реализираат проекти кои се од големо значење за граѓаните. Но, она што е официјално е дека дури 16 институции имаат нула реализација на капитални инвестиции, а дури триесетина се со под 10 отсто реализација.“
Ile Petrevski