Власта најавува дневна евтина струја и пониски сметки

Дефинитивно од летово се враќа евтината дневна тарифа на електричната енергија. Пазарот и состојбата со цените на струјата на берзите сега тоа го дозволуваат. Анализите се во тек, во однос на тоа колку таа струја ќе чини, но засега не е прецизирано точно кои два часа граѓаните ќе користат поевтина електрична енергија во текот на денот. Но, нема да биде можно сите домаќинства во ист ден да почнат да добиваат дневна евтина струја, туку, екипите на ЕВН ќе мора да ги приспособат броилата.
„Единствена цел ни е во тој период, во тие два часа да испратиме сигнал да се купува електрична енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа да се заштеди водата како многу битен ресурс и исто така да се заштеди јагленот, бидејќи ни претстои нова грејна сезона бидејќи треба и тогаш да бидеме подготвени“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Регулаторот потврди дека веќе се работи на подготовка на новата цена на струјата која ќе важи од јули, па до крајот на годинава. Енергетските компании веќе ги доставија пресметките за нивните трошоци. Сега на ред е и ЕСМ да го распише тендерот за набавка на електрична енергија. Бислимовски вели дека лично тој не е поддржувач на зголемување на цената за домаќинствата.
Од друга страна министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека во Владата размислувале и за промена на моделот на пресметка на крајната цена на струјата која ја користат домаќинствата. И тој уверува дека сметките за струја на граѓаните нема да се зголемат дури и ако се зголеми ДДВ-то.
„Денеска јавно кажувам дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за електрична енергија, туку ќе плаќаат помалку од тоа што моментално го имаме“, рече Бектеши.
На крајот на идниот месец регулаторот има обврска да ја соопшти новата цена на струјата. Последнава година граѓаните плаќаат сметки по принципот кој повеќе троши тој повеќе плаќа.
Иле Петревски