ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта тврди модуларните болници се безбедни, ВМРО бара дислокација

Сите модуларни болници, монтирани низ земјава, верувам дека се безбедни за пациенти, тврди директорката на скопската Инфективна клиника, Милена Стевановиќ по страотниот пожар во тетовскиот монтажен КОВИД објект. Таа во интервју за Радио Слободна Европа посочи дека овие објекти ги исполнуваат сите потребни стандарди за ваков вид на болнички одделенија – ги поседуваат сите градежни документи и се без никаква замерка.

Advertisements

„Видете, јас верувам дека се безбедни. Сите тие имаат свој технички прием и градежни документи без никаква замерка. Еве, да зборувам за модуларната болница која има капацитет дури од 70 легла и е припиена кон Клиниката за инфективни болести. Да ве потсетам, илјадници пациенти беа спасени од тешка клиничка слика од ковид, од средно тешка клиничка слика на ковид и ние не можеме да кажеме дека модуларната болница не е начин за едно квалитетно згрижување и третирање и нега на пациентите“, вели Милена Стевановиќ, Директорка на Инфективна клиника.

Пожарот кој само во неколку минути ја пеплоса тетовската модуларна болница е причина, ВМРО – ДПМНЕ сега да бара дислоцирање на ваквиот објект од општина Бутел кој е поставен како амбуланта.

„Станува збор за ист тип на модуларна амбуланта како онаа во Тетово изградена од иста фирма блиска до власта. Градоначалникот во заминување Велимир Смилевски, предизборно, но и за време на неговиот неуспешен 4 годишен мандат 10-тина пати јавно ветуваше дека општина Бутел ќе добие модерна поликлиника. Сето тоа резултираше, пред сè со небезбеден и понижувачки објект кој го нарушува достоинството на луѓето во општина Бутел“, рече Дарко Костовски, ВМРО – ДПМНЕ.

Сепак, по пожарот во Тетово, нема прецизен одговор дали ковид-центарот имал технички прием. Владата, министерствата за здравство и труд, веќе четири дена не откриваат која фирма извршила конечен надзор врз монтираните објекти и дала зелено светло да смее да хоспитализираат КОВИД пациенти.

Министерството за здравство и фирмата „Брако“ која ги монтираше објектите, тврдат дека немало пропусти при изградбата, а доколку имало тие биле само од естетска природа.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button