ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Властите ниту негираат, а ниту сакаат да потврдат, дали и колку пари досега се префрлени на сметката на Бехтел и Енка

Властите ниту негираат, а ниту сакаат да потврдат, дали и колку пари досега се префрлени на сметката на Бехтел и Енка. Алсат побара став и изјава од директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, да објасни како ќе тече исплатата на парите кои годинава треба да ги добие американско турскиот конзорциум, но од Јавното претпријатие писмено ни одговорија бидејќи Рустеми не бил во можност да даде изјава на камера. И наместо одговори кои ги засегаат граѓаните, добивме штури податоци кои јавноста ги знае уште пред еден месец.

„Врз основа на обврските од Договорот, а согласно Програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектите на Коридорите 8 и 10 д за 2023 година усвоена од Владата на РСМ, ќе се исплатат средства за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабараторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да започне со градежните работи на трасите“, наведуваат од ЈПДП.

Опозицијата обвинува дека на непочната градба на автопати, државата ќе плати 300 милиони евра

„Според Договорот потпишан на 8 март, во рок од 45 дена на Бехтел и Енка треба да и се исплатат 50 милиони евра како аванс, 117 милиони евра за подготовка на градилишта и околу 53 милиони евра за пенали затоа што не се изменети законските одредби, вклучително и тоа што не е воведена 60 часовна работна недела“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Првичните најави се дека четирите автопати кои треба да се градат на двата коридора 8 и 10 д граѓаните на Македонија ќе ги чини 1,3 милијарди евра, плус дополнителни 200 до 300 милиони евра за експропријација. Според информациите, годинава Министерството за транспорт и врски за овие проекти има резервирано 244 милиони евра. Како ќе оди реализацијата така треба да се префрлаат пари на странската градежна фирма. Од самиот старт, за овие проекти поради сомнителни околности, предмети оформија Обвинителството за организиран криминал и корупција и Антикорупциската комисија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button