Властите убедени дека уставот ќе се смени догодина
Властите убедени дека уставот ќе се смени догодина

Евроинтеграцијата и уставните измени се најдоа во фокусот на новогодишните честитки на политичарите од власта. Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека државата има луѓе со храброст и енергија кои, како што нагласи, ќе го изодат патот до членство во Унијата. Вицепремиерот Бојан Маричиќ пак, побара обединување околу прашањето за промената на Уставот и посака 2024 да биде година на обновен политички консензус за Европската Унија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи процесот за уставните измени го нарече предизвик кој, според него, ќе бил надминат нареднава година.
„Нашата водечка мотивација во претстојната година ќе биде да ставиме крај на неизвесноста по однос на продолжувањето на преговорите со Европската Унија. Отворањето на поглавјата од првиот кластер ќе ни донесе нивно заокружување за околу четири години и потоа официјално членство во ЕУ, најдоцна до 2030 година“, рече Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.
„Возот кон Европската Унија нема да запре и силно верувам дека следната година ќе ги надминеме блокадите кои ги создава опозицијата. Верувам затоа што знам дека мнозинството граѓани сакаат да завртат лист и станат дел од силното и поврзано европско семејство“, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи.
Дел од аналитичарите оценуваат дека промената на Уставот и патот кон ЕУ ќе бидат централни теми во кампањите за претстојните избори и ќе ги засенат дискусиите за неопходните реформи кои ги нагласува и Брисел.
„Во 99 проценти од изборите кога биле во Македонија, кампањите биле насочени против соперникот, не биле насочени развојно и во насока на подобрување и остварување добри нешта кои ќе придонесат за подобрување на состојбата во Македонија и на граѓаните“, нагласи Синиша Пекевски – политички аналитичар.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, при крајот на мандатот на актуелниот владин состав, оценува дека погрешно бил вложен политичкиот капитал и енергија.
„Сите свои сили и целосна енергија ја потрошија да искористат некој бенефит кој го носи власта, од себепромоција, преку добивање на тендери, менување на закони кои значат добробит за мнозинство од политичарите, така што не потрошија никаква енергија, ниту внимание за работите кои ги засегаат вистински граѓаните“, додаде Синиша Пекевски – политички аналитичар.
Во однос на промената на Уставот, во септември започна расправата за потребата за отворање на Уставот, но спикерот Талат Џафери кажа дека ќе го закаже гласањето во моментот кога ќе се постигне двотретинско мнозинство. Неодамна претседателот Стево Пендаровски изјави дека за ова прашање најверојатно ќе му биде препуштено на наредниот парламентарен состав./Алсат.мк
Лука Андрев