Властите во Македонија се глуви на европските препораки за подобрување на стандардите во областа на статистиката
Властите во Македонија се глуви на европските препораки за подобрување на стандардите во областа на статистиката

Одлуката на Уставниот суд со која од Методологијата за попис на населението беа укинати одредбите за поделба на државјаните на резиденти и нерезиденти го отвори прашањето колку Македонија е подготвена да спроведе попис на населението кој ги исполнува европските стандарди. Државата со години наназад го задржува статусот на средна подготвеност, со одредени постигнати подобрувања, но другата страна на медалот покажува дека препораките на Европската комисија за Северна Македонија се повторуваат секоја година, бидејќи не се спроведуваат од страна на домашните власти.
Во Извештајот за напредокот за 2022 година, Европската комисија нагласува дека ги повторува препораките од претходната година, бидејќи истите не се реализирани, а тие се: да се објават сите резултати од пописот на населението спроведен во 2021 година, но и да се обезбедат доволно кадар и финансиски ресурси за Државниот завод за статистика. Европската комисија исто така бара да се подобрат опфатот и квалитетот на податоците од макроекономската и социјалната статистика, додека особено е важно да продолжи усогласувањето на финансиските сметки и кварталните национални сметки со Европскиот систем на сметки 2010.
Една година подоцна, иако Европската комисија изразува неколку „охрабрувачки“ фрази дека земјата прави напредок во областа на статистиката, сепак се нагласува потребата од подобрување на опфатот и квалитетот на податоците кои ги поддржуваат макроекономските и социјалните статистики. Македонија и понатаму се оценува како „умерено подготвена“, а на властите им се напомнува дека треба да спроведат попис на земјоделството, додека со поостар тон се повторува препораката која со години не се исполнува – итно да се обезбедат доволно кадар и финансиски ресурси за Државниот завод за статистика. Освен ова, повторно се потенцира и препораката од претходниот извештај дека Македонија треба да ги подобри макроекономските статистики, како и да продолжи со усогласување на финансиските и кварталните национални сметки со Европскиот систем на сметки 2010.
Дека Македонија останала глува на препораките на Европската комисија за унапредување на стандардите во областа на статистиката, покажува и најновиот извештај, односно оној за 2024 година, во кој се вметнати „copy-paste“ препораките од претходните години. И покрај постојаното инсистирање од страна на европските власти, земјата сè уште не го има спроведено пописот на земјоделството, а не е земена предвид ниту забелешката за недостигот на кадар и финансии во Државниот завод за статистика. Исто така, повторно се нагласува потребата од подобрување на макроекономските статистики, а како и во претходните извештаи, се бара усогласување на финансиските и кварталните национални сметки со Европскиот систем на сметки 2010.
Потсетуваме дека Уставниот суд поништи дел од одредбите од Методологијата за пописот на населението, бидејќи со нив населението беше поделено на резиденти и нерезиденти. По завршувањето на пописот, Евростат тогаш одговори дека иако Методологијата за пописот на населението во голема мера била прилагодена на стандардите на ЕУ, Северна Македонија не била обврзана на тоа, бидејќи е земја-кандидат, а не со полноправно членство во ЕУ. Според одлуката на Уставниот суд, која е донесена врз основа на правна оценка на судиите, двајцата раководители на Државниот завод за статистика при изготвувањето и усвојувањето на Методологијата ги надминале своите надлежности, а во ова дејство постојат индиции за кривично дело./Алсат.мк
Суад Бајрами