ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Властите во Скопје уморени од Бугарија, си даваат неколку месеци одмор

Во време кога се очекуваше Владата да излезе со нова стратегија за решавање на спорот со Бугарија, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров најави нешто сосема друго. Следува период на пауза сè додека не завршат изборите кај источниот сосед на 28 март. Слично како што во минатите години кога властите во земјава се судираа со некоја блокада при интеграцијата во НАТО или во ЕУ, така и Димитров сега вели – време да се фокусираме на домашните реформи.

„Дел од бугарските политички сили сакаат да го користат ова прашање во кампањата. Не мислам дека ќе помогнеме ако се вклучиме во оваа приказна. Мислам дека е време да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Време е да ги вложиме енергијата и ограниченото време што го имаме во уредувањето на нашиот двор.“-изјави Никола Димитров, Вицепремиер за европски прашања.

На прашањето за новата стратегија, од Владата за Алсат потврдија дека започнале координациите и разговорите во рамките на извршниот кабинет и како што велат, идејата е прво да се зборува за тоа што може да се постигне. Ја повторија подготвеноста да ги надминат разликите со Софија преку меморандум или декларација без да се допре македонскиот идентитет. И додека Владата смета дека билатералниот договор за добрососедство од 2017 година е добар, македонската опозиција тврди дека тој веќе не важи. Во интервју за Нетпрес, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја повтори потребата од нов договор со Софија.

„Сè додека политичарите во нашиот источен сосед продолжуваат да ја негираат македонската независност, јазик, традиција, обичаи, историја, култура, тогаш навистина не ја гледаме вредноста на овој договор. Тој договор, практично, нема никаква вредност и мислам дека треба да седнеме и да разговараме за нов договор во кој приоритет ќе бидат прашањата што нè обединуваат, а не оние што нè делат.“-рече Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Проширувањето со С. Македонија и Албанија, сепак не е ни меѓу приоритетите на Португалија која ќе ја предводи Европската унија во текот на првите шест месеци од годинава.

Анеса Салиху

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button