ВЛЕН: ДУИ стои зад инцидентите со сквернавње на знамето
ВЛЕН: ДУИ стои зад инцидентите со сквернавње на знамето

ВЛЕН со директни обвинувања за поврзаноста на лицата кои го сквернавеа државното знаме со Артан Груби од ДУИ. Арбен Фетаи од коалицијата ВЛЕН, рече дека празникот 28 Ноември ДУИ го искористила за поларизација и дестабилизација, а младите биле злоупотребувани за да се избегне правдата. Тој покажа и неколку фотографии на кои, како што рече, се докажува поврзаноста на младите инволвирани во инцидентите со членови на ДУИ.
„Обезбедивме и фотографии кои докажуваат дека тие млади луѓе кои го запалија државното знаме се блиски соработници на Артан Груби, казино магнатот. Еве фотографија од еден од младите кои за жал ги искористи Артан Груби за да предизвика дестабилизација и тензија меѓу заедниците, можете да го видите овде во седиштето на ДУИ. Другата фотографија е исто така во седиштето на ДУИ, за време на кампањата за претседателските избори, каде се гледа авторот на палењето на државното знаме покрај Илаз Лесковица, советник на ДУИ во општина Шутка”, рече Арбен Фетаи, ВЛЕН.
Од ДУИ ги отфрлаат овие обвинувања, нарекувајќи ги лажни и манипулативни сајтови, со цел, како што велат оттаму, прикривање на неуспесите и дискриминаторските политики.
„ДУИ нема никаква врска со организацијата на инцидентите. Секоја изјава или обвинение во оваа насока е целосно неоснована, клеветничка и злонамерна. Антиалбанската влада со овие постапки манипулира со јавноста, обидувајќи се да го оттргне вниманието од вистинскиот проблем – селективниот пристап на полицијата”, велат од ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е откриено и разбиено сценариото на СДСМ и ДУИ за создавање вештачка криза, дестабилизација и поттикнување меѓуетнички тензии.
„Пропаднаа сите мрачни сценарија за одбрана на криминалот на СДС и ДУИ. Полицијата експресно и професионално реагираше, а планот на СДС и ДУИ за тензии е спречен и поради тоа се нервозни и во паника„, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, инсистира на лидерска средба за прашањето за државната безбедност.
„Времето бара одговорност, додека ние сме подготвени тоа да го покажеме. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија повикува на итна лидерска средба со сите парламентарни партии”, велат од СДСМ.
За инцидентите со сквернавењето на државните и националните знамиња, полицијата соопшти дека веќе се приведени 17 лица, додека против двајцата полицајци кои го сквернавеа албанското знаме се преземаат мерки за санкционирање./Алсат.мк
Ајнур Бафќари