МАКЕДОНИЈА

ВЛЕН ќе поднесат кривична против пораншното раководство на Државниот завод за статистика

ВЛЕН се во завршна фаза на комплетирање на доказите и во најбрз можен рок ќе поднесат кривична пријава до основното јавно обвинителство против поранешните први луѓе на Државниот завод за статистика поради сомнеж за политичко договарање и фалсификување на резултатите од пописот од 2021 година. Коалицијата обвинува и дека ДУИ стои зад местење на резултатите во пописот.

Advertisements

Ги собираме  сите јавно достапни докази вклучително и јавно објавените признанија дека „пописот бил во рамки на договореното“. Бројот на Албанци попишани во многу села и населени места не кореспондира со реалноста на терен, со бројот на присутни жители, плаќачи на данок,запишани деца во училиштата и со бројот на гласач. Цениме дека е направена огромна штета во демократското претставување на Албанците во државните органи. ДУИ признава дека учествувала во планирање и договорање на овој евидентно неточен попис, велат од ВЛЕН.

Кривичната пријава која ќе биде поднесена до Обвинителството, следува откако Уставен утврди дека тогашниот директор на Државниот завод за статистика Апостол Симоски и заменикот Илми Селами ги пречекориле своите овластувања и злоупотребувајќи ја службената положба спротивно на уставот и законите го поделиле населението на резидентно и нерезидентно. Од Влада веќе најавија дека очекуваат кривичен прогон против поранешните директори, додека вицепремиерот Арбен Фетаи обвини и дека ДУИ преку заменикот Селами ја реализирал својата идеја за спроведување попис чии резултати ќе бидат на штета на албанското население во земјава. Од друга страна, по повеќедневен молк вчера во јавноста се огласи и Симоски, тој вели дека поделбата на резидентно и нерезидентно население е направена согласно препораките на Евростат, а за одлуката на Уставен кажа дека остава простор за политичка конфронтација. Во однос на најавите за кривична пријава против него, Симоски рече дека не може да ја коментира, бидејќи не знае што ќе содржи истата. За разлика од Симоски, тогашниот заменик во Заводот за статистика Илми Селами воопшто не се огласи на темата, а иако со денови го контактираме, тој не одговара на нашите повици. Од ДУИ пак преку соопштение се огласија дека пописот бил спроведен законски и дека станува збор за „координирана кампања“ за дискредитација на пописот, која според нив е обид за поткопување на темелите на соживот.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button