ВЛЕН следната недела ќе ги објави имињата на кандидатите за Локалните избори

Партиите започнаа со објавување на имиња на кандидати кои ќе се натпреваруваат за градоначалнички позиции на локалните избори во октомври. Коалицијата ВЛЕН ги прави финалните анализи, а следната недела се очекува да ги објави првите кандидати. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, за Алсат изјави дека во рамките на раководството на ВЛЕН веќе се водат дискусии за имињата.
„Во консултации сме со раководството на ВЛЕН. На почетокот на неделата имавме состанок на раководството, каде се разговараше и за методологијата за утврдување на кандидатите. Исто така имаме комуникација со агенции за мерење на јавното мислење, каде што во одредени општини ќе се мери поддршката за одредени кандидати. Верувам дека во текот на следната недела ќе излезат првите имиња кои ќе ја имаат поддршката на ВЛЕН за градоначалници“, рече Касами.
Од друга страна, синоќа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ објави 25 кандидати, од кои повеќето се актуелни градоначалници. Меѓу кандидатите се: Дејан Митевски за Аеродром, Дарко Костовски за Бутел, Александар Стојкоски за Ѓорче Петров, Иван Јорданов за Штип, Марко Колев за Велес, Тони Коњановски за Битола, Кирил Пецаков за Охрид, Митко Јанчев за Кавадарци и други.
Листа на кандидати на ВМРО-ДПМНЕ:
1. Дејан Митевски – Аеродром
2. Дарко Костовски-Бутел
3. Александар Стојкоски – Ѓорче Петров
4. Зоран Бајовски – Чучер Сандево
5. Иван Јорданов – Штип
6. Марко Колев – Велес
7. Дејан Владев – Свети Николе
8. Виктор Паунов – Карбинци
9. Киро Нацков – Градско
10. Митко Јанчев – Кавадарци
11.Андон Сарамандов- Гевгелија
12. Коста Маневски- Зелениково
13. Александар Георгиевски – Илинден
14. Златко Ристов – Конче
15. Иван Говевски – Делчево
16. Ѓорге Божинов- Ново Село
17. Славе Андонов- Василево
18. Ристо Манчев – Босилово
19. Петар Ружински – Берово
20. Борче Митевски – Петровец
21. Тони Коњановски- Битола
22. Кирил Пецаков – Охрид
23. Спасе Кочовски – Вевчани
24. Јовица Илиевски – Брвеница
25. Димитар Костадиновски- Јегуновце
Од ДУИ велат дека процесот на избор на кандидати сè уште е во тек.
„Процесот на избор на кандидати сè уште трае и ќе биде јавно објавен навремено, преку внатрешни процедури на партијата, со цел секоја кандидатура да ја одрази волјата на граѓаните и нашите високи стандарди за застапување“, велат од ДУИ.
Сè уште не е познато каква ќе биде судбината на кандидатите на Таравари, дали ќе се приклучат на Фронтот или ќе настапат самостојно. Официјално, ниту СДСМ досега нема објавено имиња на кандидати.
Ајнур Бафќари