ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВЛЕН верува дека Таравари ќе го напуштат и други функционери во наредниот период

ВЛЕН очекува трендот на напуштање на Таравари од страна на поддржувачите на неговата партија да продолжи. Овој став доаѓа еден ден по најавата на пратеникот Сулејмани за оставка од функциите во АА и од пратеничката функција.

Advertisements

„Сите овие случувања во АА на Таравари се знак дека решителноста и подготвеноста на структурите е поголема да не завршат во прегратките на Али Ахмети, отколку пресметките на Таравари. Според нашите информации, ова ќе продолжи, револтот кај поддржувачите и симпатизерите е голем. Да почекаме неколку дена, но верувам дека овој тренд ќе продолжи“, рече Орхан Муртезани, ВЛЕН.

Пред еден ден се огласи и вицепремиерот Арбен Фетаи. Тој го увери членството дека патот на АА не поминува низ Ахмети.

„Нема да и дозволиме на ДУИ да се врати како ништо да не се случило. Тие треба да се соочат со вистините кои ги избегнуваат две децении. Овде не станува збор за индивидуи. Овде станува збор за нашето колективно достоинство. Мојот глас е вашиот глас. Гласот на Алијансата која не се предава. Кoja не се продава. Koja не се плаши. Ние сме гласот на патот на Арбен. И тој пат никогаш не води кон Али Ахмети, ниту кон некој што не им мисли добро на Албанците“, рече Фетаи.

Ставот на Фетаи сепак останува нејасен – дали ќе продолжи да биде дел од Алијанса, дел од ВЛЕН или можеби од некоја трета потенцијална алијанса.

Пред два дена, Таравари го напушти и поранешниот министер за администрација Азир Алиу, кој потврди дека останува во ВЛЕН.

Како реакција на сите овие случувања, Таравари кратко напиша дека власта доаѓа од народот и дека октомвриските избори се многу блиску.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button