ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО бара оставка од Маричиќ, признал кршење на процедурите со ЕУ-знамето

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Ова следува откако Маричиќ кажа дека законските измени поврзани со изградбата на коридорите се поднесени во Собранието со европско знаменце иако не се однесуваат на хармонизација со законодавството на Унијата. Според Христијан Мицкоски, со оваа изјава Маричиќ не е достоен да ја врши функцијата вицепремиер за европски прашања, бидејќи поддржува кршење на процедурите.

Advertisements

„Тие ни од далеку не се достојни на европските вредности и на тоа што треба да значи Европа за граѓаните во Македонија. Сакам да предупредам дека ваквото признавање на отворена сцена дека се одобрува кршење на процедурите, кршење на закони… еден ден, а тој ден е сè поблиску, подразбира и одговорност“, рече Мицкоски.

Мицкоски неодамна повика да реагираат Делегацијата на ЕУ во Скопје и амбасадите на земјите-членки на Унијата за злоупотребата на европското знаменце. Тој вели дека реакција засега нема, па затоа испрати допис и до претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен.

„Очигледно е дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам, но доколку остане тишина, без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго“, додава Мицкоски.

Инаку, Маричиќ претходно изјави дека законските измени се испратени по скратена постапка во Собранието за да се надмине блокадата за нивното донесување и тоа било политичка одлука. Тој одлуката ја правдаше со впишување на Коридорот 8 во транс-европската мрежа на коридори. Вчера пак, евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Алсат повтори да не се злоупотребува европското знаменце.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button