ВМРО бара СДСМ да избере една од опциите за уставни измени

Во Собранието парламентарното мнозинство тврди дека ќе продолжи дебатата со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Според нив, Законодавниот дом е место каде што сите партии можат да ги дадат своите мислења и да донесат одлука. Истиот одговор СДСМ го дава и за планот што ДУИ го претстави вчера во кој се бараше и истрага на политичките партии и политичарите како услов за напуштање на Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните два предлози се јасни и очекуваат одговор од СДСМ. ВМРО предлага проширена влада без ДУИ и усвојување на уставните амандмани кои ќе стапат во сила пред полноправното членство во ЕУ, а како втора опција, предвремени избори на есен и гаранции од европските институции за заштита на македонскиот идентитет, фондови и спроведување на трите одлуки на Судот во Стразбур за правата на Македонците во Бугарија.
Единствената отстапка што СДСМ е подготвена да ја направи засега е одложувањето на стапувањето во сила на уставните амандмани, но само до денот на втората меѓувладина конференција кон крајот од годинава. Исто така партијата на Ковачевски на ВМРО му нуди поделба на министерствата 50/50. Според мнозинството, со или без Мицкоски, уставни измени треба да има, но не кажуваат кој е планот Б за тоа.
Фатлуме Дервиши