ВМРО бара целосно укинување на ДДВ за производите и намалување на акцизата за 50%

Опозицијата со свои предлози за решавање на економската и енергетската криза. ВМРО ДПМНЕ бара намалување на акцизата за горивата за 50 отсто и укинување на ДДВ за сите производи.
Итни мерки се бараат и од Движењето БЕСА.
„Итно бараме Владата и надлежните институции да подготват економски пакети каде директно ќе им помогнат на граѓаните на државата за да ја ублажат кризата, но истовремено ќе им помогнат и на бизнисите, особено на оние кои се занимаваат со производство. Движењето БЕСА преку анализа на сите економски параметри и предлага на Владата итно да се поделат ваучери за секое семејство во вредност што приходот за едно семејство е барем во цената на потрошувачката кошничка“, изјави Абдуш Демири – Движењето БЕСА.
Алијанса за Албанците ја обвинува Владата дека кажува невистини кога тврди дека нашата земја има најниски цени на горивата во регионот. Тоа е затоа што платите во земјава се пониски во однос на земјите од регионот.
„Северна Македонија има поевтина цена за неколку центи во однос на земјите од регионот, но има помала плата која достигнува и до два пати. За споредба, просечната нето плата во Северна Македонија е 486 евра, додека во Босна 515 евра, во Црна Гора 527 евра, во Србија 634 евра и во Хрватска двојно повисока или 962 евра. Според овие официјални податоци, излегува дека цената на горивото варира од 5 до 15 отсто или за неколку центи, додека просечната плата од 30 отсто до 100 отсто или разлика од стотици евра“, велат од Алијанса за Албанците.
Од Алијанса велат дека со нето платата кај нас може да се купат 342 литри дизел, во Бугарија 456 литри, во Србија 409 литри, во Грција 655 литри и во Хрватска 656 литри дизел.
Мефаил Исмаили