
Цените на нафтените деривати почнаа да се намалуваат на светските берзи. Доколку трендот на пад продолжи до крајот на оваа недела, може да се очекува намалување на горивата во земјава во понеделник. Регулаторната комисија на крајот на неделата ги сумира берзанските движења за претходната недела, вклучувајќи го и движењето на доларот. Потоа носи одлука за зголемување, намалување или задржување на исто ниво на цените.
Засега од Владата нема најави дали ќе се откаже од дел од парите кои ги добива од продажба на горива. Повеќе од 40 проценти се слеваат во државната каса од секој продаден литар, по основ на акциза, надомест за животната средина и за чување на државни резерви за нафта. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави иницијатива во Собранието за намалување на акцизата.
„Чекавме Владата да се вразуми и самата да ги намали акцизите, но бидејќи тоа не се случува, во следните денови ќе имаме таков предлог“, рече Мицкоски.
Транспортерите велат дека цената на горивата силно удира врз нивните бизниси, потребни се марки по теркот на земјите од Европа.
„Мора да се преземат мерки. Дали ќе ни дадат субвенции, дали ќе ја замрзнат цената горивата, дали ќе ги користат резервите за кои се двои надомест од самата цена на горивата, треба Владата нешто да преземе“, рече Билјана Муратовска- Асоцијација на транспортери Макам- Транс.
Како последица од високите цени на нафтените дериватите, за 20% се зголемија и цената на билетите за меѓуградскиот автобуски превоз во земјава.
Андреа Чобанова