ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО деновиве во Парламентот ќе ја достави предлог-резолуцијата за преговорите со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ предлага национално обединување на државните ставови во процесот на преговорите со Бугарија. Опозициската партија до Собранието следниве денови ќе испрати резолуција преку која од сите партии ќе побараат поддршка и дефинирање на македонските државни позиции во однос на евроинтеграциите. Од партијата велат дека ваквиот чекор го преземаат за да се зачува македонскиот јазик, култура и идентитет.

Advertisements

„Во Собранието да отвориме расправа и да изградиме широк консензус за предлог резолуцијата за македонските црвени линии којашто доколку се усвои од Собранието на Македонија нема да биде од помош само за македонската дипломатија и општество, туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ. Бидејќи оваа предлог резолуција се заснова на повелбата на Обединетите Нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур“, изјави Антонио Милошоски ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ сметаат дека опозицијата нема потреба да поднесува никакви резолуции бидејќи, според нив, македонскиот јазик и идентитет се меѓународно потврдени и признаени.

„Христијан Мицкоски до толку е изгубен во своите блокади што бара Собранието да разговара дали сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и имаат македонски идентитет и посебност. Мицкоски работи против државните и национални интереси и во состојба е да измисли се само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата“, велат од СДСМ.

Од ДУИ ни рекоа дека иницијативата ја гледаат како начин за добивање политички поени пред локалните избори. Бујар Османи ни изјави дека пратениците на ДУИ нема да ја поддржат.

„Да се ставаат државните интереси во функција на изборите е несериозно и прави голема штета на државните интереси и на интересите на сите граѓани“, изјави Бујар Османи, ДУИ.

Од опозицискиот двоец Алијанса-Алтернатива велат дека ќе имаат состанок за оваа тема.

„Ние сме политичка партија, плус сме коалиција, значи ставовите треба да се усогласат. Постојат тела на партијата кои треба да донесат дефинитивна одлука. Очекуваме да имаме вечерва состанок и после тоа да дадеме зелено светло или црвено светло“, рече Арбен Таравари Алијанса – Алтернатива.

Инаку во документот на резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека преговорите со Бугарија треба да се водат според меѓународното право, без никакви условувања и со почитување на македонскиот народ. Да се уважуваат фактите, усвоените теории, истражувањата на современата светска славистика, лингвистика и историографија според кои, македонскиот јазик и неговите дијалекти имаат просторен и временски континуитет.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button