ВМРО-ДПМНЕ: Ако идентитетот е гарантиран, власта нема да бега од Резолуција

ВМРО-ДПМНЕ и денеска ја повика власта заеднички да ги подвлечат црвените линии на државата во однос на преговорите со Бугарија. Доколку Заев не преговора за јазикот и идентитетот, тогаш треба да ја прифати Резолуцијата со нашите црвени линии, вели Владо Мисајловски од опозициската партија. Според него, да немаше идентитетски барања за повторно редефинирање на македонскиот народен идентитет и јазик немаше ниту да има блокада од страна на Бугарија. Блокадата од Бугарија не е заради економската, еколошката, здравствената или земјоделската политика на Македонија, туку заради нивните барања да не се признава постоење на македонскиот национален и јазичен идентитет.
„Секоја сериозна држава поставува граница на сопствената надворешна политика и сопствените црвени линии. Бугарија тоа го има, но Македонија го нема. Зборот и ветувањата на Заев, простете, но не вредат ниту тронка. Нашиот предлог е политичките партии и Собранието на Република Македонија да постигнат консензус врз основа на научен текст и дефиниции. Нашиот предлог нема политички формулации, нема партиски позиции, нема лични агенди. Но, има гаранции за македонската засебност, за македонската историја, за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Ако тие не се доведени во прашање, како што вели Заев, зошто бега од нивно утврдување на највисоко државно ниво“, изјави Владо Мисајловски – Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.