ВМРО-ДПМНЕ: Чисто безобразие е Владата да ѝ продава земјиште за 70 денари на фирмата на сопругата на Ковачевски

Чисто безобразие е, вели ВМРО-ДПМНЕ, што Владата ѝ доделила државно земјите за багатела цена од 70 денари за квадратен метар на фирмата каде сопственички удел има сопругата на премиерот Димитар Ковачевски.
Од опозициската партија велат дека премиерот бараше да не му се споменува семејството, но тој упорно го вмешува во своите скандали и бизниси.
„За 70 денари граѓаните не можат килограм кромид да купат, а г-ѓата Ковачевска добила земјиште со потпис на Артан Груби. Демек ако потпишал Груби, наместо Ковачевски, нема да има никаков проблем Очигледно Ковачевски и Груби решиле да си чуваат грб во криминалите еден на друг. Прво Ковачевски го поддржа Груби за скандалот со тендерот за надзорот и имотите на луѓето блиски до Груби, а сега овој му се заблагодарува со можност сопругата на Ковачевски да добие 1 119 квадратни метри за само 1 273 евра. Во време кога владее невидена сиромаштија, кога компании ставаат клуч на врата, за само илјада и кусур евра жена му на Ковачевски добива можност за милионски бизнис. Ако мислат дека си ги кријат криминалите на овој начин многу се лажат. И Груби и Ковачевски еден ден ќе одговараат за сите криминали и скандали“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.