ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ за престрелките низ Скопје и ѝ се закани со тужба на Славјанка Петровска

По денешното убиство во непосредна близина на ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје и синоќешното пукање во населбата Ченто во кое едно лице беше рането, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ преку реакции и контрареакции си ја префрлаат вината за случувањата во главниот град во изминатите помалку од 24 часа.

Advertisements

Откако од СДСМ ја обвинија актуелната власт на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија ја претворила во Див Запад и побараа од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веднаш да си поднесе оставка, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека поранешниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски и СДСМ во осумте години додека беа на власт дозволиле мафијашките банди толку да зајакнат што буквално се препукуваат низ Скопје.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ почна со санкционирање и институциите постапуваат побрзо од било кога. Мафијашките банди повеќе ја немаат заштита во институциите, како што го имаа во времето на Спасовски. Институциите работат засилено и безбедноста ќе биде на повисоко ниво од време на СДС“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението од опозициската партија.

Во посебно соопштение, од владејачката партија остро реагираат на објавата на пратеничката на СДСМ во Собранието и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска која го обвини премиерот дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор. Таа во објавата напиша и дека лично Мицкоски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки.

По ваквите тврдења на Петровска, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бараат вештачење на нејзината деловна способност или во спротивно ќе треба да сноси одговорност за, како што велат, изнесените клевети.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button