ВМРО-ДПМНЕ: Груби нека не се надева дека некој му верува на приказните за позајменото „ауди“

Првиот вицепремиер Артан Груби, за своите поддржувачи нека ги чува приказните дека позајмувал автомобил од пријател бидејќи не му верува, велат од ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека клучно во целиот случај е што возилото не го пријавил.
„Возилото на Груби кое беше запалено пред неговиот дом не е пријавено во анкетен лист. Тоа е клучното во овој скандал. Приказните дека позајмувал, возел автомобили од пријатели, многу сакал возила од таа марка и слично нека ги чува за пред неговите поддржувачи и нека не се надева дека некој му верува“, велат од опозициската партија.
Оттаму сметаат дека и Груби и ДУИ се разобличени и им останува само да одговараат пред органите.
„Груби да каже зошто е толку многу задоволен од брзата реакција на безбедносните институции, но заборави да им објасни на граѓаните зошто е Груби привилегиран и ужива вакви поволности додека граѓаните молат за правда. Како сите институции се ставиле во погон за возило кое не е во негова сопственост и зошто толку важност се дава на случај ако не е мотивиран од криминални зделки?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.