ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива објавија постигнување договор за предизборна коалиција за локалните избори

Опозицијата ја официјализираше предизборната коалиција за локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива се договорија меѓусебно да ги поддржат кандидатите за градоначалници во некои од општините. Долгоонајавуваниот чекор го направија тројцата лидери Христијан Мицкоски, Зиадин Села и Африм Гаши, во Собранието.
Заедничко соопштение, ВМРО-АА-ААА
“Соработката подразбира дека споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии. Станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа”
Ова е прва предизборна соработка на ВМРО-ДПМНЕ со албанските партии. Како резултат на тоа, на овие избори, соработките и коалициите се остро поделени помеѓу двата табора на власт и опозиција. СДСМ најави дека ќе ги поддржи кандидатите на владините коалициски партнери некаде во првиот А некаде во вториот круг. ДУИ рече дека соработката со СДСМ ќе се реализира само во вториот круг.
И додека трае објавувањето на имињата на кандидатите, полека се официјализираат и независните кандидатури.
Максим Димитриевски, актуелен градоначалник на Куманово, одлучи да не чека номинација од неговата матична партија, СДСМ, и да се кандидира самостојно. Тој ги собра потребните потписи и ги достави до ДИК.
СДСМ не е задоволен од потегот на Димитриевски. Со тоа, велат тие, Димитриевски им ја олеснил одлуката. Односите меѓу СДСМ и Димитриевски се влошија од почетокот на пандемијата, со воведување на посебни рестриктивни мерки за Куманово.
СДСМ
“Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци. “
Локалните избори се одржуваат на 17 октомври и кандидатските листи мора да бидат затворени до 11 септември.
Fatlume Dervishi