ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски има уште пет дена да се премисли и да се согласи на лидерска средба за предвремени избори

По синоќешната одлука на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада на Собранието од 10 мај, од опозицијата денеска ѝ порачаа на власта дека има уште пет дена да си го преиспита однесување, а премиерот Димитар Ковачевски да се предомисли и да седне на лидерска средба со Христијан Мицкоски за да се договори датум за предвремени парламентарни избори.
„Оваа ситуација во која е државата не смее да трае долго, зошто последиците од криминалот, корупцијата и неспособноста на владата се огромни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон активна блокада на Собранието, а со цел предизвикување лидерска средба на која ќе биде договорен датум за предвремени парламентарни избори, и ќе се пристапи кон изнаоѓање на решенија во клучните сектори во кои ВМРО-ДПМНЕ понуди тимови. Тоа се секторите финансии, здравство, образование и секако меѓународните односи, европските интеграции и проблемот којшто Македонија го има со Бугарија. Ковачевски има доволно време до 10 мај да се предомисли и да пристапи кон организирање на лидерска со цел дефинирање на датум за избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.