ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е блокирана и национално понижена пред целокупната европска јавност

Страшен скандал ја тресе европската интеграција на Македонија. Како резултат на коленичењето на Зоран Заев пред соседите, прифаќајќи секакви условувања, Македонија е и блокирана на евроинтегративниот пат, и национално понижена пред целокупната европска јавност, реагираат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку членот на ИК на партијата, Стефан Андоновски.
Во реакцијата од Андоновски меѓудругото се наведува:
Во видеото јасно се гледа дека државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш зборува за македонскиот јазик како дел од бугарскиот, нарекувајќи го „северномакедонски“. „Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“. Ова е точната фраза што ја искористила оваа политичарка пред бугарските медиуми.
Ова ли е заштитата на македонскиот јазик и идентитет за кој зборува Зоран Заев последните две години. Овие ли се „бетонираните“ позиции? Сега веќе секому е јасно дека на Македонија и се случува класична распродажба на сите национални интереси и обележја. А виновникот е Зоран Заев.
Прашуваме,
Дали ставот дека македонскиот јазик е северномакедонски е дел од португалскиот предлог кој Заев го прифаќа?
Дали португалскиот механизам кој беше целосно прифатлив за Заев значи дека владата се обврзала да прифати срамна парадигма – дека македонскиот јазик бил некогаш дел од бугарскиот јазик?
Дали португалскиот предлог кој е одличен за Заев вклучува и став дека во ЕУ не се внесуваат билатерални недоразбирања, и тие треба да бидат решени пред нова земја да се приклучи на Унијата?
Дали со однесувањето на Заев сега цела Европска унија останува на страната на Бугарија?
Дали се случува она за кое предупредувавме – дека постојат земји од ЕУ кои тивко ја поддржуваат Бугарија?
Едноставно, дали за Заев и македонскиот јазик стана северномакедонски? Исто како што тоа сака да и го направи на Фудбалската федерација на Македонија…, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.